Илјадници вработени во комуналните претпријатија низ Германија од јуни 2026 година ќе добиваат повисоки плати, откако беше постигнат нов договор во рамки на колективниот договор ТВ-В (TV-V).
Зголемувањето се однесува на работниците во секторите за енергетика, водоснабдување, комунални услуги и пречистителни станици за отпадни води. Според проценките, мерката директно или индиректно ќе опфати околу 135.000 вработени низ целата земја.
Согласно договорот, платите ќе бидат зголемени за 1,25 отсто, а новите платни скали ќе важат до 31 март 2027 година.
Во зависност од работното место и степенот на квалификација, основните месечни плати ќе се движат од околу 2.604 евра до речиси 9.922 евра во највисоките платни категории.
Покрај зголемувањето на платите, работниците ќе имаат право и на дополнителни надоместоци. За прекувремена работа ќе се исплаќа додаток од 30 отсто, додека за ноќна работа следува надомест од 25 отсто. Предвидени се и дополнителни исплати за работа во смени.
Уште една добра вест е што во ноември 2026 година вработените ќе добијат и еднократен бонус во висина од најмалку 100 проценти од октомвриската плата.
Иако покачувањето од 1,25 отсто не изгледа големо на прв поглед, во комбинација со бонусите и додатоците носи повисоки и постабилни примања за илјадници работници во Германија, меѓу кои има и голем број Македонци.



