Николоски: Воведуваме две нови линии од Полска до Охрид

Утрово слета првиот авион од Вроцлав со што започнува новата авиолинија Охрид-Вроцлав (Полска), додека веќе во вторник ќе имаме уште една нова линија од Катовице исто од Полска, што значи повеќе полски туристи, значи нови можности за бизнис и за развој на локалната економија околу Охридското крајбрежје, истакна денеска од Охрид, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

Вицепремиерот Николоски истакна дека домашните аеродроми имаат најголем раст во регионот со преку 31 % раст во првите пет месеци од годината, што се очекува да се надмине бројката од 3,5 милиони патници на годишно ниво.

“ Овие две нови линии ќе значат многу повеќе патници, многу повеќе туристи кои што доаѓаат во Македонија, многу повеќе луѓе кои што ќе доаѓаат да прават бизнис во Македонија и дополнително отвореност кон светот. Утрово слета првиот лет од Вроцлав од Полска, целосна нова дестинација која што никогаш претходно не оперирала во Македонија, а на 9 јуни во вторник ќе слета и првиот лет од Катовице исто така од Полска. Охридскиот аеродром целосно се отвора кон Полска, отвараме две значајни рути кои што ќе значат дека полските туристите можат да го посетуваат Охридскиот регион, да го посетуваат Охрид, Струга, Дебарца, локалните економии овде да растат и туризмот да расте, но исто така овие летови не се само туристички, овие летови не се само сезонски, тие треба да донесат дополнителна вредност на целиот овој регион.

Ако на тоа се додаде дека веќе од оваа недела повторно почнува да лета дестинацијата Белград-Охрид и Истанбул-Охрид, тогаш веќе приказната се заокружува. Бројките се одлични, бројките се, би рекол неочекувани”- истакна вицепрeмиерот Николоски.