Проектот „Градски воз“, кој Владата го најавува како решение за побрз и поеколошки јавен превоз во Скопје, треба да започне со реализација на првата линија од 1 септември, објави 4news.mk Таа ќе ги поврзе Зелениково, Драчево, Лисиче и Аеродром со Транспортниот центар.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека проектот ќе донесе значајни промени во секојдневното движење на граѓаните од периферијата кон центарот на градот.
– Тоа ќе значи нов еколошки транспорт за голем дел граѓани коишто имаат дневна рутина да се движат кон центарот на градот на потегот од Зелениково преку Драчево, Лисиче, Аеродром до Транспортен центар. Во зимските месеци, кога загадувањето е сериозен проблем, со овој проект ќе обезбедиме побрз и почист превоз за голем број наши сограѓани. На реконструираната и електрифицирана пруга ќе се патува со брзина од 80 до 90 километри на час, наместо досегашните 20 до 30 – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека паралелно се работи и на уште две делници.
– Работиме и на другите две делници, од Ѓорче една, а другата од Илинден. Очекуваме целиот проект да биде заокружен во периодот 2027–2028 година. Ова ќе биде сериозна алтернатива за превоз на граѓаните што секојдневно патуваат од периферијата кон центарот на Скопје – рече премиерот.
Проектот „Градски воз“ е најавен како решение за намалување на сообраќајниот метеж и аерозагадувањето во главниот град, преку модернизација на железничката инфраструктура и подобра поврзаност меѓу урбаните и приградските населби.



