Тошковски за „Мазут”: Знам докази кои вие не ги знаете, ќе бидете шокирани

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера во интервју за „360 Степени“ на МРТ 1 најави нов развој на настаните поврзани со предметот „Мазут“, посочувајќи дека јавноста наскоро ќе дознае нови детали.

-И вие и јавноста за многу брзо ќе дознае зошто ова сум го кажал ова што сум го кажал – рече министерот, не изнесувајќи повеќе податоци.

-Затоа што знам некои докази коишто вие не ги знаете. И не може да ги знаете. А јас ги знам заради тоа што морам да ги знам. И ќе бидете шокирани и Вие и целокупната македонска јавност кога ќе дојде време да бидете шокирани. Ама позитивно. И тврдам дека ќе дојде тој ден. Заради тоа што за вакви дејствија ако ние оставиме така да се затворат, тогаш јас не треба да го работам ова што го работам во моментов. Нити па било кој од тие коишто работат во рамки на Министерството за внатрешни работи и особено во Јавното обвинителство треба да се таму каде што се. Треба да си одат од таму. Треба да дојдат некои нови, ако за овој предмет со тие докази што јас ги имам видено лично, остане вака приказната каква што е – изјави министерот за внатрешни работи.

Тој изрази разочараност од одлуката на Обвинителството да ја затвори истрагата поради недостиг на докази, иако, како што рече, постојат сознанија и докази што допрва ќе бидат обелоденети.

Истрагата траеше повеќе од една година, а меѓу осомничените се бизнисмени и поранешни функционери, кои се товареа за злоупотреба на службена положба и перење пари. Во меѓувреме, ЕСМ поднесе приговор до Вишото јавно обвинителство и барање за контрола до Републичкото јавно обвинителство.