БМВ вложува две милијарди евра во фабрика за батерии во Унгарија

Светскиот гигант од автомобилската индустрија БМВ ќе ја удвои својата инвестиција во унгарската фабрика во Дебрецен на дури две милијарди евра, со што ќе изгради дополнителни производствени капацитети за склопување на високонапонски батерии.

Новиот објект ќе се простира на површина од околу 140.000 квадратни метри, овозможувајќи вработување на дополнителни 500 работници, а ќе ја олесни имплементацијата на новата платформа Neu Klasse, посебно во делот на логистиката, велат од БМВ.

„Во Дебрецен ја градиме најнапредната фабрика во светот. Со нашата iFACTORY поставуваме нови индустриски стандарди за производство на возила. Нашите инвестиции го нагласуваат нашиот системски пристап кон имплементацијата на е-мобилноста“, рече Милан Недељковиќ, член на Управниот одбор на БМВ задолжен за производство, пренесува хрватски Индекс.

Advertisements

Почетокот на производството на автомобили и батерии е планиран за крајот на 2025 година, кога БМВ има намера сериозно да ја загрози Tesla на пазарот на електрични автомобили. Со новата платформа за електрични погони, БМВ планира да ги преполови трошоците за ќелиите и да ги зголеми обемот и брзината на полнење за 30 отсто во споредба со сегашните модели.

Извршниот директор на БМВ, Оливер Ципс, изјави дека првично ќе се фокусира на електрични модели за сегментот од средна премиум класа, како што е серијата 3.

БМВ моментално ги склопува батериите на три локации во Германија, како и во американските капацитети во Спартанбург и фабриката во Шенјанг во Кина. Како што се најавувава, ќе набавува батерии во Европа од кинеските производители CATL и EVE.