52 години вкупна затворска казна за тројца обвинети за убиството на младиот ракометар Денис Тот

Виновни за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје на 7 април годинава се Анџело Ѓоргиевски кој е осуден на 18 години затвор, Клементина Левковска на која Кривичниот суд во Скопје исто така ѝ изрече казна од 18 години затвор и Андреј Костовски кој доби 16 години затвор.

Судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ нагласи дека Ѓоргиевски и Левковска имале поголем придонес во извршувањето на кривичното дело. Според судот, снимките од безбедносните камери од ноќниот клуб и од системот „Сејф сити“ се веродостојни докази за убиството.

Advertisements

Судечкиот совет пресуди и надомест на штета за семејството на Тот – 9 милиони денари за мајката и таткото и 8 милиони денари за братот на Денис Тот, надомест кој треба да се исплати во рок од шест месеци откако пресудата ќе стане правосилна.

Овој трагичен настан кој ја потресе јавноста во Македонија и Хрватска  се случи на почетокот на април околу 3 часот и 30 минути пред ноќниот клуб „Привилиџ“, кога осомничените по кратка вербална расправија го нападнале Тот и неколку пати го удирале со тупаници и клоци.

Тот паднал од ударите и удрил со задниот дел од главата на асфалтот и изгубил свест. Осомничените продолжиле да го удираат по главата, а потоа избегале. Едно лице кое работело во ноќен клуб повикало брза помош, по што ракометарот бил донесен на државната клиника во Скопје.

Снимката на Јутјуб ги расчисти контроверзите

Многу контроверзи ја следеа истрагата на овој случај, но откако на јутјуб се појави снимка од тепањето се виде како Ѓоргиевски го удира Тот два пати во лицето, поради што тој изгубил свест и паѓа на земја, лежејќи неподвижен.

Додека тој лежел на земја, уште две лица, од кои едната осудената Клементина која во тој момент била најагресивна, го удирале со нога во главата. По околу половина минута, напаѓачот кој прво го удри Тото во глава и го собори, му пријде и се обиде да му помогне. За жал, младиот ракометар кој, според исказите на неговиот татко Игор пред судот во Скопје, ја обожувал Македонија, имал понуди да игра и во странство, но ги одбил за да остане тука, почина на 27 години.

– Казната е во рамки на законски предвидената казна. Така што тоа е одлука на судот. Сите факти се правилно оценети“, изјави кратко обвинителката Тања Трајчевска. 

Адвокатите на обвинетите сметаат дека казната е драконска и најавија жалби на пресудата.

Беше и ќе бидеш мојот вечен пример – Борис Тот

Пред десетина дена братот на Денис, Борис Тот на социјалните мрежи објави сеќавање за својот починат брат.

„Драг мој, денес е твојот роденден кој за жал не можеме да го прославиме. Секогаш беше и ќе бидеш мојот вечен пример и секој ден ми недостасуваш се повеќе и повеќе.. Те сака најмногу твојата желка и знај дека ќе продолжам да ги живеам нашите заеднички соништа и секоја победа, одбрана и успех ќе ја посветувам само и исклучиво на тебе.“, напиша Борис Тот на Фејсбук.