Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро ја напушти земјата и отпатува на Флорида, во САД, 48 часа пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател Игнасио Лула да Силва, тврдејќи дека „ја изгубив битката, но не и војната“.
Жаир Болсонаро не потврдил каде патува, но податоците од следењето на авионот сугерираат дека тој се упатува кон Флорида.
Болсонаро повеќе пати изјави дека нема да му ја предаде функцијата на Лула да Силва на инаугурацијата во недела, кршејќи ја бразилската демократска традиција и доведувајќи ја во прашање легитимноста на изборите во октомври, на кои беше тесно поразен.
Претседателската функција сега ја извршува заменик-претседателот Хамилтон Мурао.
Пред да ја напушти земјата, Болсонаро преку социјалните мрежи имаше емотивно обраќање до Бразилците, потсетувајќи на клучните моменти од неговото претседателствување и ги повика приврзаниците да ја продолжат борбата против Лула.
Во изјавата, Болсонаро се огради од Оливера Соуза, човекот кој минатата недела беше уапсен од бразилската полиција за планирање бомбашки напад. Соуза тогаш рече дека е поддржувач на Болсонаро и дека е инспириран од неговиот повик за вооружен отпор кон резултатите од изборите.
„Јас не поттикнав никого на конфронтација, а протестите против Лула се спонтани, без лидер, без координација“, рече Болсонаро.