(ФОТО) Ова е дрим тимот од лекари – работеа бесплатно 12 викенди за да нема листа на чекање во болницата во Ниш

„По речиси 100 дена работа и 12 последователни работни викенди, постигната е целта што ја постави Клиниката за кардиохирургија на Универзитетскиот клинички центар во Ниш да ги елиминира сите листи на чекање за кардиоваскуларни операции! Од денеска листите на чекање не постојат на нашата клиника“, објави на Фејсбук Драган Милиќ, директор на Клиниката за кардиохирургија на Клиничкиот центар Ниш, пишува Н1.

Директорот на клиниката вели дека од денеска болницата ќе се врати во редовна работа, а ниту еден пациент кој ќе помине на клиниката за анестезиологија нема да чека на операција повеќе од 5-15 дена.

Граѓаните со аплаузи и пофалби за лекарите ја поздравија убавата вест што ја објави директорот.

Advertisements

Според Милиќ, на почетокот на годината имало листа на чекање со 149 пациенти. Таа сега е претворена во список за закажување на кој има 42 пациенти. „Операциите за кои минатата година требаше пациентите да чекаат три до четири, а понекогаш и шест месеци, веќе нема да мора да се чекаат“, напиша Милиќ.

Тој особено посочи дека ниту еден пациент кој бил опериран за време на викендот не починал и дека не се покажала точна претпоставката дека за време на викендот се губи концентрацијата и се намалува квалитетот на работата.

Во декември 2022 година, лекарите од нишката кардиохирургија побараа да им се дозволи да работат како волонтери и за време на викендите, за да се намалат листите на чекање, а побараа од Министерството за здравство и другите надлежни институции да им обезбедат материјал за работа. Но, Министерството и управата на Клиничкиот центар молчеа, па лекарите самоиницијативно решија да го спроведат својот план.