Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска се пошегува поради заминувањето на Мекдоналдс од неговата земја, каде што ќе биде заменет со руски ланец ресторани за брза храна.
– Фала му на Бога што си оди! Мораме да го направиме за себе она што го правеше Мекдоналдс. Знаеме и да исечеме леб и да ставиме парче месо, да пржиме помфрит и да направиме салата – рече Лукашенко на средбата со работниците од земјоделскиот и прехранбениот сектор.
Ресторанската франшиза која управува со рестораните на Мекдоналдс во Белорусија на 11 ноември објави дека наскоро ќе го смени името во „Вкусно и точка“ како во Русија.
Првите ресторани под тоа име беа отворени во Русија на 12 јуни, на местото на Мекдоналдс, кој ја напушти земјата поради руската инвазија на Украина. Многу други странски брендови го направија истото.