Јужна Кореја официјално ја укина забраната за увоз на секс кукли со цело тело, со што стави крај на долгогодишната дебата за степенот до кој владата може да се меша во приватниот живот.
Иако во Јужна Кореја не постојат закони или прописи кои го забрануваат увозот на такви кукли, стотици, а можеби и илјадници се запленети од царината, повикувајќи се на законска одредба со која се забранува увоз на стоки што ги „кршат убавите традиции и јавниот морал на земјата“.
Увозниците се пожалија на ваквата практика до судовите, од кои повеќето се согласија со нив и им наложи на царината да не ги одземаат секс куклите, наведувајќи дека тие се користат во приватниот простор на луѓето и не го нарушуваат човечкото достоинство.
Јужнокорејската царинска служба денеска објави дека почнала да ги применува ревидираните упатства за увоз на секс кукли, но дека увозот на оние кои имаат сличност на деца или одредени поединци ќе продолжи да биде забранет.
Други земји, како што се САД, Австралија и Велика Британија, исто така ја забрануваат продажбата на секс кукли со сличност на деца, наведува јужнокорејскита царина.
Одлуката на царината ги одразува бавните и постепени потези на Јужна Кореја за ограничување на мешањето на државата во приватниот живот на луѓето, но некои организации за правата на жените и конзервативните групи веројатно повторно ќе изразат противење на употребата на сексуални кукли.
Членовите на таквите групи тврдат дека куклите ја продлабочуваат сексуалната објективизација на жените и го поткопуваат јавниот морал.