Курти: Зголемувањето на бројот на војници на НАТО во Косово ќе придонесе за мирот и безбедноста

„Значително зголемување на бројот на војници и воена опрема на НАТО во нашата земја ќе ја подобри безбедноста и мирот на Косово и на целиот Западен Балкан“, изјави премиерот на Косово, Албин Курти.

Тој рече дека Косово го зголемило буџетот за одбрана, како и бројот на резервни војници.

„Зголемувањето на бројот на војници во мировните сили на НАТО – КФОР, ќе ги поддржи нашите напори во однос на одбраната“, нагласи Курти.

Advertisements

Во моментов на Косово има околу 3.800 војници на КФОР, од кои околу 70 се Германци. Според одлуката на германскиот Бундестаг, во Косово итно можат да бидат испратени до 400 дополнителни војници.

„Германските војници се секако добредојдени во Косово“, рече Курти.

Ситуацијата во Косово е тензична во последните недели, кога Србите на север поставија барикади, блокирајќи ги патиштата што водат до премините Јариње и Брњак, кои беа отстранети минатата недела по речиси две недели.

„Шеснаесет барикади во четири северни општини и луѓе со маски и ознаки на платеничките сили „Вагнер“ и „Ноќни волци“ во црни униформи и со знамиња кои извикуваат „Молете се на Бога и држете се до Русија“, како и акумулација на српски војници и артилерија долж границата со Косово и континуираните изјави на српската и руската држава создаваат потреба од дополнителни трупи на НАТО“, рече Курти.