Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ се огласи и даде интервју за Си-Ен-Ен во кое вели дека не жали за своите одлуки кои доведоа до тоа да не игра во Индијан Велс и Мајами и дека не сака да живее во иднината, туку во сегашноста.
„Не жалам. Во животот научив дека жалењето може само да ти наштети, да те натера да живееш во минатото, а јас тоа не го сакам. Не сакам ни да живеам премногу во иднина. Сакам што повеќе да бидам во сегашниот момент, но и да размислувам за иднината, да создавам подобра иднина. Секоја чест за Алкараз. Апсолутно заслужи да се врати на позицијата број 1“, изјави Новак.
Сепак, тој наведува дека е штета што годинава не учествувал и нема да учествува на двата американски Мастерса.
„ Штета што не можев да играм во Индијан Велс и Мајами, ги сакам тие турнири. Имав многу успех таму, но донесов свесна одлука и знаев дека постои ризик да не одам таму – така е во моментов, се надевам дека ќе се промени подоцна оваа година, за УС Опен. За мене тоа е најважниот турнир на американско тло“, изјави Ѓоковиќ.
Тој потсети и на некои минати дуели од тој Грен слем.
„Навистина сакам да бидам во Њујорк. Кога загубив од Медведев во финалето во 2021 година, доживеав еден од најубавите моменти со тамошната публика, три пати го освоив УС Опен и играв уште многу финалиња… Иако го загубив тој дуел од Медведев, ја добив љубовта и почитта од публиката, сакам да се вратам и повторно да се поврзам со нив. Се радувам на тоа и се надевам дека ќе се случи“, заклучува Новак.