Владата денес донесе одлука со која ги замрзнува цените на оризот и јајцата од кокошка, притоа со одлука го ограничи и извозот на јајца. Како основа за замрзнување се зема цената која ја имале овие производи на 15 март, а одлуката ќе важи до 30 април.
Со цел да се спречи недостигот на јајца на домашниот пазар, Владата донесе одлука најмалку 70 отсто од производството на јајца да се пласира на домашниот пазар. Со одлуката се создава и обврска трговците јајцата да ги продаваат во количини во кои редовно се продавале во јануари и во февруари 2023.
“Во изминатиот период утврдивме значајни измени во цените на овие производи како резултат на движењата на увозот и извозот, а за таа цел пред Велигден и Рамазан Бајрам да се спречи евентуален дисбаланс“, рече премиерот Димитар Ковачевски.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, рече дека најскапото јајце може да се продава по цена од 9,8 денари со одлуката за замрзнување на цената. Според него, мерката е креирана со компаниите што произведуваат јајца.