Шпанскиот парламент денеска го одобри Законот за амнестија на каталонските сепаратисти, вмешани во неуспешниот обид да прогласат независност во 2017 година.
Законот беше поддржан од шпанската левичарска коалициска влада на Педро Санчез, две каталонски сепаратистички партии и други помали партии.
Беше изгласан со 177 спрема 172 гласа „за“ во Долниот дом, а против беа конзервативната Народна партија и екстремната десница „Вокс“.
Законот за амнестија најмногу би можел да има корист за поранешниот претседател на каталонската регионална влада Карлес Пуџдемон, кој моментално е во егзил во Белгија, откако избега од Шпанија по неуспехот да се одвои Каталонија од земјата.
Законот најверојатно ќе се соочи со правни предизвици од повисоките судови бидејќи дел правни експерти ја доведуваат во прашање неговата уставност.