Назим Буши ќе го води МВР до изборот на новата влада, на Тошковски му заврши мандатот

Од денеска со Министерството за внатрешни работи раководи Назим Буши.

Досегашниот министер во техничката влада, Панче Тошковски официјално му ја предаде должноста на министерот за внатрешни работи Назим Буши, досегашниот заменик министер за внатрешни работи, информира МВР.

Advertisements

По денешното примопредавање на должноста, согласно законски одредби Назим Буши ќе раководи со Министерството за внатрешни работи до почетокот на функционирање на новиот владин состав, поточно до именувањето на новиот министер за внатрешни работи.

Во текот на вчерашниот ден Државната изборна комисија ги објави конечните резултати од Парламентарните избори 2024 година со што мојот мандат како министер за внатрешни работи во преодната Влада за спроведување на избори на пратеници официјално заврши, а согласно Законот за Влада досегашниот заменик министер за внатрешни работи, Назим Буши ја презема надлежноста, односно ќе ја врши функцијата министер за внатрешни работи до избор на нова Влада, информира Панче Тошковски.

-Во оваа прилика сакам да истакнам дека изминатиот период беше исполнет со многу предизвици, но заедно со мојот тим покажавме дека со макотрпна работа, професионализам и чесност може да се постигне многу за нашата држава. Успеавме да обезбедиме стабилност и доверба во изборниот процес, односно слободно можам да кажам дека ги организиравме најдемократските избори досега, што впрочем беше и нашата главна цел. Покрај тоа, вложивме напори за подобрување на безбедноста и редот во нашата земја, справувајќи се со повеќе предизвици и ситуации кои бараа брзи и ефикасни реакции. Со гордост можам да кажам дека како тим кој раководеше со Министерството во овие четири месеци, функциониравме транспарентно и одговорно, секогаш со целосна посветеност на потребите на граѓаните и државата, вели тој.

Тој посочи дека посакува што поскоро да се формира новата Влада, за да можат државните институции да профункционираат со целосен капацитет.

-Потребни се итни и темелни реформи кои се неопходни за Македонија што поскоро да се стабилизира и да го продолжи својот раст и развој. Верувам дека со заеднички напори можеме да создадеме подобра и поквалитетна иднина за сите нас. На крајот, уште еднаш сакам да се заблагодарам на мојот тим кој вложи натчовечки напори во изминатите четири месеци, но и на сите вработени во Министерството за внатрешни работи кои навистина беа на висина на задачата. Благодарност и до граѓаните кои во континуитет нѐ поддржуваа и веруваа во нас. Заедно ќе продолжиме да се залагаме за безбедна, стабилна и просперитетна Македонија, рече Тошковски.