Јапонскиот писател и добитник на Нобеловата награда за литература Кензабуро Ое почина на 88-годишна возраст.
Ое, кој ја доби Нобеловата награда за литература во 1994 година, беше познат и како застапник на јапонскиот пацифистички устав и борец против нуклеарната енергија, јавува јапонската новинска агенција Кјодо, пренесува Ројтерс.
Ое беше еден од најзначајните јапонски литературни творци во периодот по Втората светска војна. Неговите дела се занимаваат со политички, социјални и филозофски теми, како што е нуклеарното оружје, проблемите на вклопување во општеството и егзистенцијализмот.
Во романот „Едноставен живот“ од 1990 година ја обработува темата за хендикепираните деца во семејството, бидејќи и самиот имал син со хендикеп. Еден од неговите најпознати романи е „Тивко плачење“ од 1967 година, дело кое ги преплетува митовите и историјата на шумските села со модерното време.
По неговата Нобелова награда следуваше Јапонскиот орден за култура, но тој одби да го прими затоа што му беше доделен од царот, велејќи: „Не признавам никаков авторитет, никаква вредност, повисока од демократијата“.
Секогаш пацифист, Ое стана уште погласен критичар по нуклеарната катастрофа во Фукушима во 2011 година, велејќи дека Јапонија има „света должност“ да се откаже од нуклеарната енергија, на ист начин како што се откажа од војната според нејзиниот устав. Во 2013 година, тој организираше антинуклеарен митинг во Токио, а во 2015 година им се придружи на масовните протести против потезите на Абе да им дозволи на јапонските трупи да се борат во странство.