Граѓаните кои живеат или патуваат во Европа или САД треба да бидат внимателни и да избегнуваат области со големи демонстрации, соопшти турското Министерство за надворешни работи.
Неодамнешните исламофобични и расистички дејствија против Турција, извршени од групи поврзани со терористички организации, го покажаа „опасното ниво на верска нетрпеливост и омраза во Европа“, се вели во соопштението.
Предупредувањата беа издадени набргу откако министерствата за надворешни работи на Шведска, Норвешка и Данска ги предупредија своите граѓани да избегнуваат големи собири во Турција поради неодамнешните тензии.
Тензиите меѓу Турција и некои европски земји, вклучително и Шведска, која сака да стане членка на НАТО алијансата, неодамна се зголемија поради протестите кои Анкара ги смета за исламофобични или антитурски.
Екстремно десничарскиот данско-шведски политичар Расмус Палудан неодамна запали Куран пред џамија во Стокхолм, заканувајќи се дека ќе го прави тоа секоја недела додека Шведска не стане членка на НАТО алијансата.
Слични акции низ Европа во изминатите неколку недели предизвикаа бес во Турција.
Кукла на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган беше обесена за нозете во Стокхолм, а во Холандија беа искинати страници од Куранот.
Ердоган одговори дека Шведска не треба да очекува турска поддршка за нејзино приклучување во алијансата.
Шведска и Финска аплицираа за членство во НАТО минатиот мај.
29 земји-членки се согласуваат со нивниот влез, но Турција ги кочи.