Најмалку 963.000 луѓе се приклучија на протестите против предложените пензиски реформи на француската влада, објавија француските медиуми повикувајќи се на податоци на Министерството за внатрешни работи во Париз. Се прецизира дека демонстрации биле организирани низ целата земја.
Во Париз, на четвртиот ден од протестот, бројот на учесници бил 93.000 луѓе – рекордно високо ниво во споредба со претходните протести. Во петокот, според официјалните податоци, на улиците на француската престолнина излегле 57.000 луѓе. Низ целата земја, властите изброиле 757 илјади учесници во протестите.
Според проценките на Генералната конфедерација на синдикати, на протестите во Париз учествувале 500.000 луѓе, а низ целата земја 2,5 милиони луѓе. „Националната унија на студенти на Франција“ извести за учество на протестите на 120 илјади млади луѓе, од кои 15 илјади во Париз.
Поради големиот проток на демонстранти во Париз, полициските службеници одлучија да отворат втора дополнителна рута за нивно движење. Анархистите кои им се придружија протестите организираа вандализам, кој на места прерасна во судири со безбедносните сили. Полицијата употреби солзавец за да ги растера. Приведени се 8 лица.
Во саботата демонстрации се одржаа во повеќе од 240 градови, вклучувајќи ги Марсеј, Лион и Тулуз. Во Рен, полициските службеници употребија солзавец и водени топови неколку пати за да ги растераат „агресивните лица“.
Околу 10 илјади полицајци и жандарми се мобилизирани низ целата земја за обезбедување безбедност, од кои 4,5 илјади во главниот град.