(ВИДЕО) Корупциски скандал ја тресе Украина – Оставки и промени во врвот на власта

Неколку високи украински функционери денеска објавија дека поднесуваат оставки поради корупциски скандал со снабдување на војската, а претседателот Володомир Зеленски најави голем број кадровски промени во власта.

Меѓу функционерите кои поднесоа оставка се и заменик-министерот за одбрана Вјачеслав Шаповалов, кој беше задолжен за логистичка поддршка на вооружените сили, помошник-началникот на претседателската администрација Кирило Тимошенко и помошник генералниот обвинител Олексеј Симоненко.

Овие оставки може да бидат проследени со низа други, бидејќи украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа најави дека ќе се носат одлуки поврзани со персоналот на различни нивоа во министерствата и другите структури на централната власт во регионите.

Advertisements

„Веќе има одлуки за промени – некои ќе се случат денес, некои утре – кои се однесуваат на функционери на различни нивоа во министерства и други владини структури, како и на регионално ниво и во органите за спроведување на законот“, рече Зеленски.

Зеленски рече дека фокусот на Украина на војната нема да ја спречи неговата влада да се бори против корупцијата.

„Сакам јасно да кажам дека нема да има враќање на она што се случи во минатото“, рече Зеленски во синоќешното обраќање.

Иако пред почетокот на руската инвазија Украина редовно ја потресуваа корупциски скандали, која е ендемична болест на земјата, ова е прва ваква афера од почетокот на инвазијата на крајот на февруари минатата година.

Корупцискиот скандал излегува во јавноста во време кога Киев бара од западните сојузници воена и финансиска поддршка за нова офанзива на фронтот.

Во соопштението, Министерството за одбрана уверува дека обвинувањата во скандалот за напумпани цени, кои ги обелоденија украинските медиуми, се „неосновани“, но оти заминувањето на Шаповалов ќе овозможи „да се зачува довербата на општеството и меѓународните партнери“, како и да се обезбеди „објективност на напорите“ да се расветли тој случај.

Министерот за одбрана Олексеј Резников вчера изјави дека скандалот е резултат на вештачки информативен напад врз основа на „лажен изговор“.

Според информативниот сајт ЗН.УА, Министерството за одбрана склучило договор за 2023 година со зголемени цени на прехранбените производи за армијата. Според порталот, тој договор е вреден 13 милијарди гривни (околу 324 милиони евра) со цени „два до три пати зголемени“ во однос на сегашните царини за основните прехранбени производи.

Помошникот началник на кабинетот на претседателот Кирило Тимошенко, еден од ретките соработници на претседателот кој соработуваше со него од изборите во 2019 година и кој ги надгледуваше проектите за реконструкција на инсталации оштетени во руските напади, беше вмешан во неколку скандали за време и пред инвазијата.

Во октомври тој беше обвинет дека користел теренско возило кое и било дадено на Украина од американската групација Џенерал моторс за хуманитарни цели. По тие откритија рече дека возилото го префрлил за потребите на фронтот.

Антикорупциската полиција во неделата соопшти дека го уапсила заменик министерот за инфраструктура под сомнение дека лани во септември примил поткуп од 400.000 долари за увоз на агрегати, што министерот го негираше.

Во саботата, Националното биро за борба против корупцијата (НАБУ) го уапси Васил Лозинки под сомнение за проневера. Лозинки ја вршеше должноста заменик министер за развој на заедниците, териториите и инфраструктурата на Украина.