Во тек е жестока битка за Угледар, град во источна Украина што руските сили се обидуваат да го освојат, соопштија денеска двете страни, а Киев изјави дека Москва „претерува“ со успехот на својата офанзива. Министерството за одбрана на Велика Британија предупредува дека руски воени извори намерно шират дезинформации за воени успеси.
Шефот на руските окупациони власти на украинската област Доњецк, Денис Пушилин, синоќа изјави дека „очекува добри вести“ од Угледар, рударски град кој пред руската инвазија имал околу 15.000 жители.
„Опкружувањето и идното ослободување на градот ќе реши некои работи“, изјави тој за новинската агенција Риа Новости, наведувајќи дека победата ќе овозможи промена на рамнотежата на силите на фронтот и ќе го отвори патот за офанзива кон градовите Покровск и Курахово, кои се посеверно од Угледар.
Еден од неговите советници, Иан Газин, денеска за агенцијата Тасс изјави дека се водат „тешки и брутални борби“ и дека руските сили зазеле позиции во југоисточниот и источниот дел на градот Угледар.
Walki w Ugledarze?#Ukraina #Ukraine #UkraineRussianWar #RussiaIsATerroristState #Ugledar #Donbas pic.twitter.com/xJIhXPFfmN
— Tomasz (@Tomasz3891) January 27, 2023
Портпаролот на украинската армија за источната зона, Серхиј Черевати потврди дека се водат „жестоки борби“, но уверува дека Русите се потиснати.
„Непријателот се обидува да има успех во тој сектор, но не успева благодарение на напорите на одбраната на Украина“, изјави тој, притоа нагласувајќи дека Русија го „преувеличува својот успех“, а нејзините воени сили се повлекуваат.
Украинските власти оваа недела соопштија дека побројната руска армија ги интензивира нападите на истокот од земјата, особено околу Угледар и Бахмут. Бахмут со месеци е цел на Русија и покрај големите загуби на нејзините сили.
Руските сили и трупите на приватната паравоена група „Вагнер“ неодамна го зазедоа Соледар, град северно од Бахмут, што е прв успех по неколку месеци и низа понижувачки загуби за Кремљ.
Во однос на информации во јавноста за изолирани воени успеси на руската армијна, во разузнавачки извештај на Министерството за одбрана на Велика Британија се наведува дека постои реална можност руски воени извори намерно да шират дезинформации во обид да сугерираат дека руската операција во Украина продолжува да се развива во позитивна насока.
Забележано е дека во текот на изминатите шест дена, руските коментатори тврдат дека силите на Москва постигнале значителен напредок, пробивајќи ја украинската одбрана во две области – во областа Запорожје кај Ориков, како и 100 километри на исток, во регионот на Доњецк, кај Вагледар .
Руските единици можеби извршиле локални разузнавачки напади во близина на Ориков и Вагледар, но многу е малку веројатно дека Русија навистина постигнала некаков значаен напредок, соопшти британското разузнавање.