Железнички вагон со амонијак се превртел околу 17 часот и 30 минути на пругата Ниш – Димитровград, недалеку од Пирот во Србија, јавува Нова.рс.
„Денеска околу 17 часот и 30 минути на делот од пругата од Пирот до село Станичење кај Сопотски хан, од шините излета вагон на товарен воз кој превезувал амонијак, при што дошло до истекување на гасoт и голема концентрација на истиот во атмосферата“, соопшти српското МВР.
Надлежните ги замолуваат граѓаните кои живеат во близина да не излегуваат од своите домови. Во моментов е во тек евакуацијата на луѓето кои биле блиску до местото на несреќата, а на местото на несреќата се испратени итни служби од сите околни градови.
Блиц јавува дека 51 лице завршиле во болницата во Пирот, додека шест пациенти со потешки симптоми завршиле во болницата во Ниш. Сите се стабилни и се српски државјани. Полицијата го блокирала патот во близина на местото на несреќата. Во прекин е и железничкиот сообраќај.
Pirot trenutno… pic.twitter.com/2tJeYD2Owz
— Pirotian (@Pirotian) December 25, 2022
„Се работи за товарен воз кој секојдневно сообраќа низ оваа делница и превезува суровини од Бугарија до Прахово и Шабац. Товарниот состав вклучувал 20 вагони-цистерни, кои се во сопственост на компанијата Еликсир“, пишува во соопштението на Железнички транспорт Србија Карго, пренесува Курир.
Владан Васиќ, градоначалник на Пирот и шеф на Градскиот штаб за вонредни состојби, на прес-конференција рече дека во тој град е прогласена вонредна состојба. Тој рече и дека училиштата нема да работат во понеделник, пренесува Плус онлајн.