Лоши вести за Македонците во Германија

Македонците кои живеат и работат во Германија од 1 јуни ќе останат без една од најважните директни авионски линии кон татковината.

Германската авиокомпанија „Луфтханза“ официјално го прекинува летот на релација Франкфурт – Скопје, кој беше меѓу најкористените од дијаспората.

Во системот за резервации веќе нема достапни летови по 31 мај, ниту за летната сезона, ниту за зимскиот распоред што започнува наесен. Наместо директна врска, патниците ќе мора да патуваат со преседнување преку Виена со „Аустријан ерлајнс“, компанија која исто така е дел од Групацијата „Луфтханза“.

Оваа одлука претставува сериозен удар за илјадници Македонци во Германија, особено за оние кои често патуваат кон Македонија поради семејни, работни или здравствени причини. Директната линија значеше побрзо, полесно и поевтино патување, а сега патниците ќе се соочат со подолги рути, дополнителни трошоци и неизвесни конекции.

Линијата функционираше со седум до десет летови неделно, во зависност од сезоната, но оваа зима бројот на летови беше намален на само три неделно, што беше јасен сигнал дека компанијата подготвува повлекување. Првиот лет на оваа релација беше реализиран во април 2023 година.

Од „Луфтханза“ како причини за кратењата ги наведуваат економската неизвесност, честите штрајкови и високите цени на горивото, поради што компанијата укинува повеќе нерентабилни кратки линии низ Европа.

Advertisements

Дополнителен проблем е што и „Кроација ерлајнс“ ги намали летовите кон Скопје, па изборот за патување на македонската дијаспора станува сè поограничен.

Иако македонските аеродроми бележат рекорден раст на бројот на патници, укинувањето на директните линии кон Германија отвора нови проблеми за граѓаните кои живеат и работат во странство.