Се затвора познат трговски ланец: До крајот на мај без работа остануваат 1.100 луѓе

Германскиот трговски ланец „Hammer“, познат по продажба на производи за уредување на домот и домашен текстил, до крајот на мај ги затвора сите преостанати продавници и заминува во стечај. Околу 1.100 вработени ќе останат без работа.

Стечајниот управник Штефан Мајер потврдил за германската агенција dpa дека последните 21 продавница ќе бидат затворени до крајот на месецот, по што следува целосно гасење на компанијата. Иако имало интерес од потенцијални инвеститори, ниту една понуда за преземање не била реализирана.

Компанијата „Hammer Raumstylisten GmbH“, која управува со ланецот специјализиран за подни облоги, завеси, декорации и домашен текстил, поднела барање за стечај уште во јануари годинава.

Поради лошата финансиска состојба и недостатокот на перспектива, уште кон крајот на март биле затворени 46 продавници, а дополнителни 20 кратко потоа. На крајот на април отказ добиле сите околу 1.100 вработени.

Стечајниот управник оценил дека условите за закрепнување биле исклучително тешки, меѓу другото поради повторениот стечај во краток период, слабата состојба во малопродажбата и падот на потрошувачката.

Во меѓувреме се водат преговори дел од поранешните локации на „Hammer“ да ги преземат други трговски ланци или закупци на просторот, но сè уште не е познато дали дел од работниците повторно ќе бидат вработени.

Advertisements

„Hammer“ минатата година бил преземен од инвестицискиот конзорциум „Rethink“, но идентитетот на инвеститорите никогаш не бил јавно објавен. Претходно и поранешната матична компанија „Brüder Schlau Gruppe“ влегла во стечај, по што работењето постепено било згаснато.

Германскиот малопродажен сектор со години е под притисок поради слабата потрошувачка и растот на онлајн купувањето. Слични проблеми имаат и други трговски ланци, додека бројот на стечаи во трговијата значително расте.

Според податоците на осигурителната компанија „Allianz Trade“, минатата година во Германија биле забележани 2.571 стечај во малопродажбата, што е најмногу во последните десет години. Експертите предупредуваат дека негативниот тренд би можел да продолжи и во наредниот период.