Европската Унија нема јасен план што ќе прави самата со себе, а како резултат на тоа ниту што ќе прави со Западен Балкан. Ве недостиг на јасна стратегија постојано слушаме едни исти мантри од страна на ЕУ дека останува политиката на „отворени врати“, а од страна на земјите од регионот дека полноправното членство во ЕУ е единствената опција за која не постои алтернатива, рече поранешниот претседател Бранко Црвенковски кој на трибината „Северна Македонија помеѓу Отворен Балкан и Берлинскиот процес – можно ли е побрзо членство во ЕУ?“ промовира иницијатива за пристап до заедничкиот пазар и до европските фондови, но не како алтернатива за полноправно членство туку како меѓучекор.
Една варијанта, според него, е да се искористи постоечката Европската економска област, а втора можност е ЕУ да потпише нов посебен договор со сите земја од Западен Балкан посебно.
Тој предложи земјите-кандидатки за членство да ѝ помогнат на ЕУ да дефинира една појасна стратегија кон регионот на Западен Балкан и процесот на неговото интегрирање.
„Би сакал да ја искористам оваа прилика пред вас, но и пред македонската јавност да промовирам една идеја за една таква иницијатива која по мое мислење заслужува внимание. Што е тоа што во оваа фаза за нас земјите од Западен Балкан е најбитно, а во исто време не задира во и онака комплицираното одлучување во рамки на ЕУ? Тоа е пристап до заедничкиот пазар и до европските фондови. Најдиректно кажано, иницијативата би се однесувала на овозможување на овие две цели. Ќе напоменам за да нема никаква заблуда, ова не би било никаква алтернатива или супституција на полноправното членство во ЕУ. Напротив, тоа би бил еден меѓучекор или преодна фаза која би го олеснила остварувањето на таа цел“, додаде поранешниот претседател.
Црвенковски смета дека има два начини како да се постигне оваа цел – или да се искористи постојната Европска економска област, или за да се избегнат сложените процедури за прием на нови членки во европската економска област, ЕУ истовремено да потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан со кој би се овозможило учество на заедничкиот европски пазар и можност за користење на европските фондови.
Според Црвенковски нелогични се изјавите дека ако сега Македонија ги започне преговорите, за седум, а некои велат и за четири години, ќе стане и полноправна членка на Унијата.
Тој во својот говор потсети дека поради промена на методологијата за отпочнување на пристапните преговори, во октомври 2019 година, Македонија не ги почна преговорите со Унијата.
„Можеби грешам, но гледајќи ја поделеноста во Унијата и колку тешко доаѓаат до единствен став во врска со војната, како што се санкциите за Русија, воената помош за Украина – се плашам дека тоа ќе го зголеми скептицизмот“, додаде Црвенковски.
Подготвувајќи се за денешниов настан, додаде поранешниот претседател, „го прочитав и моето обраќање пред вас од мај минатата година. Што заклучив? Дека за жал можам да го прочитам истиот текст и денес и ништо важно нема да пропуштам.“
„Таму каде што бевме лани се наоѓаме и сега без видлив и сериозен напредок. И тоа не се однесува само за Македонија туку и за другите земји од регионот без разлика дали ќе го нарекуваме југоисточна Европа или Западен Балкан. Единствен исклучок можеби е Албанија за која беше донесена одлука за почеток на преговорите. Ние ги отворивме, но не ги започнавме преговорите. Како што стојат работите тешко е да се предвиди дали и кога тоа ќе се случи. БиХ доби кандидатски статус но со 14 строги услови и без можност да ги користи фондовите кои следуваат за земја кандидат. Посебна приказна се Србија и Црна Гора, земји кои преговорите ги почнаа пред цели 9 односно 11 години. Токму со образложение дека процесот на преговори со нив тече споро“, рече Црвенковски.
Трибината беше организирана од Здружението за надворешна и меѓународна политика Совет на амбасадори и Кабинетот на Црвенковски.