До крајот на јуни ќе бидат испорачани сите заостанати делови од реформската агенда, освен два, изјави денес премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско пршање како ќе одговори на обвинувањата на опозицијата дека заостануваат со исполнување на реформската агенда.
Тој објасни дека десете точки од реформската агенда кои треба да ги исполнат до крајот на јуни ќе бидат испорачани, освен носењето на Изборниот законик, и барањето државата да не испорачува 100 проценти од електричната енергија до домаќинствата, за да не дојде до големо сголемување на цената на струјата.
-Вчера имавме состанок, долг состанок со ресорните министри во Владата, кои што до крајот на јуни треба да ги доиспорачаат веќе започнатите чекори. Сите оние десет кои се заостанати, со исклучок на два нема да бидат испорачани. Првиот е оној дел кој се бара од државата да не обезбедува 100 проценти електрична енергија за домаќинствата и сите оние кои користат електрична енергија од снабдувачот, бидејќи цениме она што го прифатила претходната влада тогаш сметките за електрична енергија на домаќинствата ќе бидат за 25 до 30 отсто поголеми. Тука свесно нема да одиме во реализација на тој чекор, бидејќи сакаме да го заштитиме стандардот а граѓаните, изјави Мицкоски.
Вториот чекор, што нема да биде испорачан, како што објасни премиерот е носење на Изборниот законик, бидејќи тој се носи со консензус.
-СДСМ ја напушти групата која работи на Изборниот законик. И се додека е таа одлуката ние изборниот законик не можеме да го донесеме, бидејќи тоа е еден од оние закони кои се во групата во кои треба консензус во Собранието. Се станато ќе биде завршено и се останато ќе биде демант на лагите кои ги испраќа СДСМ на оние прес конференции. Апсолутно не само што нема застој има напредок и Македонија од последно место сега е рамо до рамо со оние фронт ранери, изјави Мицкоски.
Тој повторно изјави и побара граѓаните изјавите од опозицијата да ги прифаќаат со резербва, бидејќи целта на опозицијата не била да биде конструктивна и да испрати порака за решение.
-Целта е со лаги и манипулации да привлече внимание, бидејќ тие не се борат на следните избори да победат туку се борат да ова раководство се уште остане раководство на опозицијата. Во смисол на ова што го зборувам е и таа шпекулација поврзана со застој во реализирање на реформсата агенда, изјави Мицкоски.
Опозициската СДСМ по оваа изјава на премиерот излезе со соопштение во кое стои дека Мицковски потворно бара алиби за неисполнување на реформската агенда и ја подготвува јавноста СДСМ повторно да биде виновна за тоа што нема да биде донесен Изборниот законик.
-Ова е класична лага на Мицкоски. ВМРО-ОКГ има апсолутно мнозинство во Собранието. Токму како што го укинаа техничката влада без ниту еден глас од СДСМ, така можат да го донесат и Изборниот законик. Не им треба СДСМ за закони – им треба изговор кога ќе пропаднат. Мицкоски помпезно ветуваше дека наскоро од Брисел ќе стигне вест дека сме рамо до рамо со Црна Гора. Сега однапред подготвува алиби зошто тоа нема да се случи. Затоа што во јуни нема да ги внесе малцинства во Уставот, нема да ги затвори 8-те отворени реформски точки и нема да ги реши проблемите што самиот ги создаде: криминал, корупција, контрола врз судство и обвинителство, 40 проценти од медиумите дел од Орбановата мрежа, стои во соопштението на СДСМ.



