Тошковски: И Васко Ковачевски е бегалец како Груби, ако се чесни ќе се вратеа

Поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски се уште е недостапен за органите на прогонот и се наоѓа надвор од државата, но за него не е распишана меѓународна потерница, како што има за осомничениот Артан Груби.

Во медиумите беа објавени непотврдени информации дека Ковачевски се наоѓа во Нов Зеланд.

Токму за ова прашање министерот Панче Тошковски во гостување на Сител изјави дека и Ковачевски се смета за бегалец.

Advertisements

„Затоа што ако е поинаку, ако се чесни пред себе, пред својот народ и пред  Бога, ќе се вратеа и ќе се соочеа со соодветните обвинувања коишто ги имаат“, вели Тошковски.

Во акцијата под кодното име „Адитив“ осомничени се вкупно 23 лица, од кои дел се поранешни директори на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“.

Меѓу осомничените се најдоа и имињата на двајцата ексдиректори на ЕСМ, Васко Ковачевски и Васко Стефанов.

Стефанов дента кога беше објавена акцијата беше надвор од државата, но се врати по што беше уапсен и во моментов издржува мерка притвор, со уште осуммина од осомничените.