Бадник, 6 јануари 1916 година е извршен колеж врз 103 видни и угледни жители од Порече – Поречани од страна на бугарската војска. Можеби ова е една од темите од нашата историја која е малку позната за јавноста. Масакрираните луѓе биле фрлени во ископ кај месноста Дервишка Нива во атрот на село Манастирец, потсетија денеска Поречани кои секоја година им оддаваат почит на жртвите.
Здружението за негување и промоција на природното и културно-историското наследство на Порече – „Искон” секоја година на овој ден организира панихида за убиените поречани на Бадник во 1916 година.
– Бадниковиот масакр е еден од најтрагичните настани, не само во историјата на поречкиот регион, туку и во македонската историја воопшто. Овој крвав чин се случил на 6 јануари 1916 година во месноста Дервишка нива (во близина на превојот Барбарас меѓу Прилеп и Македонски Брод) од страна на припадници на тогашната бугарска окупаторска војска под раководство на бугарскиот капетан К. Панов. Овој грозоморен чин на тогашната бугарска власт во овој регион, освен што имал за цел да го дисциплинира Порече, имал и намера духовно и интелектуално да го обезглави Порече, бидејќи најголемиот број на убиени голораки луѓе се селски учители, свештеници и видни личности од сите поречки села. Телата на убиените (повеќе од 140) биле фрлени во ископ во месноста „Дервишка нива“, а подоцна од роднини пренесени во Костурницата во близина на манастирот „Рождество на Пресвета Богородица” во с. Горни Манастирец. Првичната костурница била изградена од руски монаси кои во дваесеттите години од минатиот век имале свое прибежиште во гореименуваниот манастир, а во 1938 година за време на Кралството Југославија, на постоечкиот стар објект е изградена нова импозантна градба во чест на убиените Поречани – велат од здружението Искон.
„Ова се списоците на ликвидирани Поречани во колежот. Посмртните останки се во овој објект, а денес се нем сведок за ова злосторство. ПОРЕЧАНИ ПРОСТУВААТ АМА НЕ ЗАБОРАВААТ… Вечна им слава и да ги чуваме спомените за нив“, пишува на страницата Убавините на Порече.