Димитриевски: Влеговме во Владата за Македонците повеќе да не се чувствуваат како граѓани од втор ред

Претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, гостуваше во емисијата „Топ Тема“ на Телевизија Телма, каде што говореше за реализацијата на владината програма, улогата на ЗНАМ во Владата и клучните политички прашања од интерес за граѓаните.

Осврнувајќи се на причините поради кои ЗНАМ стана дел од владината коалиција, Димитриевски истакна дека главната цел била да се спречат негативните политички сценарија од минатото и да се обезбеди посилна застапеност на македонските национални интереси.

„ЗНАМ влезе во оваа коалиција за да не гледаме реприза на она што се случуваше во минатото. Нашите мотиви да влеземе во Владата беа Македонците повеќе да не се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствената држава“, нагласи Димитриевски.

Тој посочи дека ЗНАМ нема потпишано формален коалициски договор со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ВЛЕН, но по парламентарните избори била усогласена заедничка владина програма во која се вградени програмските приоритети и заложби на Движењето ЗНАМ.

Димитриевски истакна дека министрите од редовите на ЗНАМ, Горан Минчев и Игор Филков, доследно ја реализираат владината програма во согласност со приоритетите од Реформската агенда.

Како потврда за постигнатите резултати, тој потсети на оценките изнесени од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, при неговата посета на Македонија, кога беше потенциран напредокот во областите јавна администрација и владеење на правото – ресори предводени од кадри на ЗНАМ.

Advertisements

Како едно од најзначајните политички прашања во изминатиот период, Димитриевски ја посочи непроменливоста на Уставот под услови на нови отстапки и повторно го афирмираше концептот на условени уставни измени, предлог што го застапува веќе неколку години.

„Нашиот став останува непроменет. Концептот на условени уставни измени е решение што ги штити националните интереси и обезбедува јасни гаранции за државата и граѓаните“, истакна претседателот на ЗНАМ.

Во своето гостување, Димитриевски порача дека ЗНАМ ќе продолжи да делува како фактор на стабилност, реформи и заштита на државните и националните интереси, останувајќи доследен на ветувањата дадени пред граѓаните.