Лекарите на ортопедија направија уште една успешна операција – пресадена е коска од починат донор

На Клиника за ортопедија изминатово деноноќие извршена е втора успешна трансплантација со коска од починат донор, соопшти Министерство за здравство.

Трансплантацијата е извршена на 19 годишен пациент за корекција на деформитет на стапало како резултат на церебрална парализа.

– Во минатото корекција на деформитет се правела со користење на дел од надворешната коска на потколеницата која се земала од пациентот. Притоа се појавувал дефект кој тешко се корегирал. Со користењето на коска од кадавер, оперативниот зафат трае многу пократко и не остава дефект на друго место кај пациентот, а и корекцијата е многу постабилна, се наведува во соопштението.

Advertisements

Екипата која ја извршила трансплантацијата ја предводел проф. д-р Зоран Божиновски со анестезиологот д-р Лилјана Ангелеска и асистенти д-р Теодора Божиновска и Кристина Јордановска, заедно со средно-медицинскиот кадар Менче Дојчиновска и Оливера Лазаревска.

-Експертизата и стручноста остануваат наш императив и силно сме фокусирани на нови методи и процедури во трансплантацијата, вели проф.д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.