Полицијата сѐ уште врши увид на местото на страшното злосторство во белградската населба Баново Брдо, на улицата „Николај Гогољ“. Марина П. (67) го убила својот сопруг З. П. (76) во станот, а како што велат соседите за порталот Nova.rs, во ова семејство и претходно имало инциденти.
Кога полицајците пристигнале по пријава и влегле во станот, затекнале ужасна сцена – телото на мажот лежело во локва крв, а на подот било и оружјето со кое било извршено убиството. Набргу ја пронашле и осомничената, сопругата на починатиот З. П., Марина П.
„Марина беше фина и отмена госпоѓа сѐ додека не ѝ се влоши здравствената состојба. Пред година и пол доаѓаше Брза помош поради неа. Беше во таква состојба што не можеа да ја смират, а тогаш слушнавме дека скршила сѐ во станот. Мислам дека извесен период беше и хоспитализирана. По тој инцидент, таа и сопругот се разделија. Тој се исели од домот, но по некое време повторно се врати за да се грижи за неа“, изјавил еден од соседите на брачниот пар од Баново Брдо за порталот Nova.rs.
„Не знам што точно се случило сега, но претпоставувам дека повторно имала некаква епизода, бидејќи веројатно не ја земала терапијата“, додава соговорникот.
Истрагата за злосторството е во тек.


