Потресна приказна доаѓа од Венецуела, каде што мајка го загубила животот додека ја спасувала својата ќерка за време на разорните земјотреси што ја погодија земјата. Нејзината храброст ја потресе јавноста, а сопругот со емотивна порака се прости од неа.
Фудбалерот Ектор Бело на Инстаграм објави дека неговата сопруга Андреа успеала да ѝ го спаси животот на нивната ќерка, но самата не преживеала.
„Ќе ѝ ја раскажам приказната за тоа како ѝ го спаси животот, љубов моја. Како го даде својот живот за нашата ќерка и никогаш не ја напушти, дури ни во последните мигови“, напиша Бело.
Во друга објава, тој откри дека нивната ќерка и нејзината тетка се наоѓаат во болница и се во стабилна состојба.
„Како да ѝ објаснам на нашата ќерка дека ти го загуби животот спасувајќи го нејзиниот, а јас не бев таму да направам ништо? Дајте ми сила“, напиша тој.
Според последните информации, во двата силни земјотреси што ја погодија областа во близина на Каракас загинале најмалку 589 лица, додека 2.980 се повредени. Спасувачките екипи и натаму ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани.
Меѓу жртвите има и двајца млади фудбалери, како и мајката на поранешната Мис Венецуела Жизел Рејес, која, според семејството, починала од срцев удар предизвикан од шокот по земјотресот.
Локалните власти предупредуваат дека бројот на загинати може дополнително да расте, бидејќи голем број лица сè уште се водат како исчезнати.



