Почина медицинската сестра која ја обедини Македонија

Почина Сибела Омерова, меѓу штипјани позната како пожртвувана медицинска сестра.

Омерова се наоѓаше во тешка здравствена состојба и беше на лекување во Германија, а бројни хумани граѓани од Штип и од целата држава се вклучија во апелите за помош, покажувајќи голема човечност и солидарност. За жал, и покрај сите напори на медицинскиот персонал и поддршката од јавноста, битката за нејзиниот живот беше загубена.

Веста за нејзината смрт предизвика силни емоции и тага кај сите што ја следеа нејзината борба, но и потсетување на кревкоста на животот и значењето на заедништвото во најтешките моменти.

Омерова пред две години ја обедини Македонија. За неа се собираа средства за лекување на клиника во Турција.

„Беа организирани голем број на културно-забавни настани, и следуваа апели за помош како од пациенти на кои им помогнала со својата посветеност, така и од лекари кои работеле со неа и ја опишуваа како грижлива медицинска сестра. Тогаш, за само три дена се собраа над 55.000 евра, од потребните 70.000 евра, за операцијата и хемотерапијата и Сибела замина во Турција“, пишува „Викимедиа“ на својот фејсбук-профил.

Сибела се бореше со канцер, а нејзиниот случај беше првиот за кој се активираше Солидарниот фонд во Општина Штип.

Advertisements