Легендарниот американски пејач Пибо Брајсон почина на 75-годишна возраст, откако претрпел мозочен удар, потврди неговото семејство со емотивно соопштение.
Брајсон, кој со децении важеше за еден од најпрепознатливите гласови на светската музичка сцена, починал во вторникот. Во изминатите години се соочувал со сериозни здравствени проблеми, меѓу кои и срцев удар во 2019 година, од кој успеал целосно да закрепне.
Семејството ја соопшти веста преку трогателна порака во која истакна колку големо влијание оставил врз луѓето ширум светот.
„Иако нашите срца се скршени, утеха наоѓаме во сознанието колку Пибо беше сакан и колку животи допре со својот глас и својот великодушен дух“, се наведува во соопштението.
Пибо Брајсон е најпознат по изведбата на некои од најомилените песни од анимираните филмови на Дизни, меѓу кои се „Beauty and the Beast“ („Убавицата и ѕверот“) и „A Whole New World“ од филмот „Аладин“. Неговите интерпретации оставија неизбришлива трага во музичката индустрија и кај милиони обожаватели ширум светот.
Во емотивното обраќање, неговите најблиски потсетија на богатата кариера што траеше повеќе од пет децении.
„Повеќе од 50 години, извонредниот глас на Пибо беше музичка подлога за некои од најдрагоцените моменти во животот на луѓето. Неговата музика ги придружуваше генерациите низ радосни прослави, големи љубовни приказни и моменти на утеха и инспирација“, порача семејството.
Тие додадоа дека неговото музичко наследство ќе продолжи да живее и да инспирира идни генерации.
Со заминувањето на Пибо Брајсон, светот загуби еден од највпечатливите вокали на своето време, но неговите песни и спомени ќе останат да живеат меѓу љубителите на музиката ширум светот.



