Колегите се простуваат од Наум: Почина македонската музичка легенда

Македонската музичка сцена остана без едно од своите најпрепознатливи имиња. Денеска во Охрид почина Наум Бурназ, доајен на македонската опера и истакнат интерпретатор на староградски и забавни песни.

Како долгогодишен член на Операта при Македонскиот народен театар (МНТ), Бурназ остави длабока трага во македонската музичка култура. Публиката ќе го памети по бројните незаборавни настапи, меѓу кои и антологиската изведба на песната „1762 лето“ (Песна за патрикот), создадена по текст на Григор Прличев.

Од него со емотивна порака се прости неговата внука Мирјана Бурназ Кремшо, која ги продолжи неговите музички стапки.

„Ти беше мојот идол. Поради тебе ја избрав музиката и пеењето и тргнав по тој пат. Никогаш нема да ги заборавам сите наши прекрасни спомени, макотрпната работа пред настапите и твоите совети, кои секогаш ми беа најважни. Неизмерно сум среќна и горда што имав таков прекрасен дедо. Нѐ напушти и ти, за да бидеш повторно заедно со нашиот најмил и непрежален татко“, напиша таа.

Тагата е уште поголема ако се знае дека Наум Бурназ почина помалку од еден месец по смртта на неговиот син Петар.

Со неговото заминување, Македонија загуби голем уметник, чиј глас и дело ќе останат трајно врежани во историјата на македонската музика.

Advertisements