УЈП со важно известување за сите кои скенираат фискални сметки

Голем број граѓани од вчера пријавуваат потешкотии при користењето на апликацијата МојДДВ, откако системот почнал да прикажува грешки и да не дозволува успешно скенирање и зачувување на фискалните сметки.

На социјалните мрежи се појавија бројни реакции од корисници кои велат дека при обид да влезат во апликацијата или да регистрираат сметка добиваат порака дека не може да се воспостави врска со серверите на Управата за јавни приходи. Поради ваквата состојба, дел од граѓаните стравуваат дека би можеле да имаат проблеми со навременото евидентирање на сметките за поврат на ДДВ.

По реакциите во јавноста, од Управата за јавни приходи потврдија дека апликацијата моментално се соочува со технички пречки, поради кои кај одредени корисници има забавена работа или привремени прекини во пристапот.

„Стручните служби се ангажирани на пронаоѓање на причините и нивно отстранување, со цел апликацијата во најбрз можен рок повторно да функционира стабилно. Ви благодариме за разбирањето и трпението“, информираат од УЈП.

Во моментов нема официјално објаснување што го предизвикало дефектот, ниту кога точно услугата ќе биде целосно нормализирана. Сепак, од институцијата уверуваат дека се преземаат сите потребни мерки за што побрзо враќање на системот во редовна употреба.

МојДДВ претставува една од најпопуларните дигитални услуги кај граѓаните, која секојдневно ја користат илјадници лица за скенирање фискални сметки и остварување на поврат на дел од платениот данок. Поради тоа, секој прекин во нејзиното функционирање предизвикува големо внимание и реакции во јавноста.

Advertisements

Граѓаните очекуваат проблемот да биде брзо надминат, а од УЈП најавуваат дека ќе ја информираат јавноста за понатамошниот развој на ситуацијата и за целосното стабилизирање на апликацијата.