На едно четиричлено семејство во Македонија во јуни му биле потребни најмалку 68.654 денари за покривање на основните месечни трошоци, покажуваат најновите податоци од синдикалната минимална кошница што ја објави Сојузот на синдикати на Македонија.
Доколку семејството живее под кирија во стан од 60 квадратни метри, вкупните месечни трошоци достигнуваат 84.024 денари.
Во споредба со мај, кога минималната кошница изнесуваше 68.742 денари, во јуни е забележано мало намалување од 88 денари.
Најголем дел од семејниот буџет и понатаму се издвојува за храна и пијалаци, за што се потребни 25.120 денари или 36,6 проценти од вкупните трошоци.
Втора најголема ставка е образованието, за кое се предвидени 7.192 денари, односно 10,5 проценти од буџетот. За облека и обувки се потребни 6.511 денари, додека за режиски трошоци, како струја, вода и греење, се издвојуваат 6.379 денари.
Според пресметките на ССМ, за рекреација и култура се потребни 5.592 денари месечно, за транспорт 5.089 денари, а за ресторани и хотелски услуги 4.131 денар.
Најмал дел од трошоците отпаѓа на комуникации, здравство, лична хигиена и останати стоки и услуги.



