СДСМ денеска излезе со нови обвинувања на адреса на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, тврдејќи дека тој е поврзан со компанија регистрирана во Бугарија која, според партијата, не била наведена во неговите анкетни листови доставени до Државната комисија за спречување на корупцијата.
На прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека според информации објавени во бугарски медиуми, Јанушев се поврзува со компанијата „Флугбан Транс“ ДОО со седиште во Ќустендил. Според достапните податоци, компанијата се занимава со патен превоз на стока, а како управител е наведен Кире Гешоски, додека како партнер се споменува и Сашо Апостоловски.
Кузеска посочи дека фирмата во текот на изминатата година пријавила промет од околу 320.000 евра, со нето добивка од нешто помалку од 10.000 евра.
Од СДСМ потсетија и на претходните информации поврзани со бугарското државјанство на Јанушев, поставувајќи прашања за основот по кој го добил бугарскиот пасош.
„Суштинското прашање е зошто во анкетните листови не е пријавена евентуалната поврзаност со компанија во Бугарија и бугарски капитал“, изјави Кузеска.
Партијата побара надлежните институции да ги проверат наводите и да ја информираат јавноста за евентуалните наоди. Воедно, од СДСМ посочија дека законските прописи предвидуваат санкции за давање неточни податоци за имотната состојба на избрани и именувани лица.
Од опозициската партија сметаат дека случајот треба целосно да се расчисти и побараа Јанушев да поднесе оставка доколку биде отворена постапка за утврдување на фактите. Воедно, упатија повик и до премиерот Христијан Мицкоски да одговори на обвинувањата што ги изнесува опозицијата.



