Премиерот Христијан Мицкоски преку објава на социјалните мрежи се прости од градоначалникот на Општина Брвеница, Јовица Илиевски, кој ненадејно почина.
Во својата порака, Мицкоски истакна дека со голема тага ја примил веста за смртта на Илиевски, опишувајќи го како чесен, скромен и работлив човек кој бил целосно посветен на граѓаните и на развојот на општината.
„Јовица беше работлив, чесен и скромен човек, целосно посветен на луѓето и на општината што ја водеше. Функцијата ја разбираше како обврска кон граѓаните, а довербата што ја доби ја оправдуваше со работа, со присуство и со резултати“, напиша премиерот.
Тој нагласи дека Илиевски секогаш бил блиску до граѓаните, ги слушал нивните проблеми и се борел за нивните потреби, поради што ја добил довербата од жителите на Брвеница и за втор мандат.
Мицкоски потсети и на неговата љубов кон спортот, истакнувајќи дека ќе остане запаметен како човек со силна енергија, искрен пристап и отворено срце.
„Во овие болни моменти, моите мисли се со неговото семејство, со неговите најблиски, со граѓаните на Брвеница и со сите што го познаваа и почитуваа“, стои во објавата.
На крајот од пораката, премиерот напиша: „Јоцо, на последните избори ја добивме најважната битка за твојата Брвеница, твоето дело и споменот за тебе нема да бидат заборавени. Вечен спомен!“.



