Смртта на турската актерка Еџе Иртем, која почина на само 35-годишна возраст, и понатаму е предмет на истрага, а во јавноста постојано се појавуваат нови детали за нејзините последни денови.
Актерката, позната по улогите во повеќе популарни турски серии, меѓу кои и „Шербет од брусница“, почина кратко по враќањето од патување во Тајланд. Нејзината ненадејна смрт ја потресе турската јавност и предизвика бројни прашања за причините што довеле до трагедијата.
Според турските медиуми, адвокатот на семејството побарал обвинителството да испита дали каснување од мајмун, кое наводно го добила за време на престојот во Тајланд, може да биде поврзано со нејзината смрт.
Сомнежите се појавиле откако членовите на семејството изјавиле дека актерката почнала да чувствува сериозни здравствени проблеми уште додека била во Тајланд. Според сведоштвото на нејзината мајка, таа се жалела на силни стомачни тегоби кои продолжиле и по враќањето во Турција.
Мајката открила и дека Еџе не се чувствувала добро ниту за време на роденденска прослава на која присуствувала непосредно пред смртта. Иако првично сакала да остане дома, по убедување на пријателите решила да дојде. Сепак, поради влошената состојба, ја напуштила прославата порано и се вратила дома.
Само еден ден подоцна починала.
По трагичниот настан, семејството ги информирало истражните органи дека актерката била касната од мајмун за време на патувањето. Нејзиниот адвокат навел дека на левата рака биле забележани три траги кои би можеле да потекнуваат од тоа каснување.
Во поднесок до обвинителството било наведено дека, според консултациите со медицински експерти, ваквите каснувања во одредени случаи можат да предизвикаат сериозни инфекции, сепса или други опасни компликации доколку не се третираат навреме.
Сепак, адвокатот нагласил дека засега станува збор само за една од можните теории и дека конечната причина за смртта може да се утврди единствено по добивањето на официјалните резултати од обдукцијата.
Турските власти сè уште немаат потврдено поврзаност меѓу наводното каснување и смртта на актерката. Истрагата продолжува, а јавноста со нетрпение ги очекува конечните наоди кои треба да ја разрешат мистеријата околу прераната смрт на Еџе Иртем.



