Германскиот автомобилски гигант Volkswagen разгледува еден од најголемите планови за реструктуирање во својата историја, кој предвидува затворање на четири фабрики во Германија и можни откази за дури 100.000 вработени.
Според информациите објавени од Reuters, плановите веќе им биле презентирани на членовите на Надзорниот одбор, а конечната расправа е закажана за 9 јули. Компанијата се обидува да одговори на сè посилната конкуренција од кинеските производители и падот на продажбата на клучните пазари.
Според досегашните информации, се разгледува затворање на фабриките во Хановер, Цвикау, Емден, како и фабриката на Audi во Некарсулм. Со тоа би биле загрозени повеќе од 45.000 работни места, а ако се додадат и околу 50.000 работни места чие укинување беше договорено кон крајот на 2024 година, бројката на потенцијални откази се приближува до 100.000.
Покрај затворањето на фабриките, Volkswagen планира и намалување на инвестициите за околу 15 проценти во следните пет години, како и длабока реорганизација на работењето.
Од компанијата засега не ги коментираат информациите за интерните документи, но признаваат дека се неопходни големи промени за групацијата да остане конкурентна.
Во меѓувреме, работничкиот совет на Volkswagen и германскиот синдикат IG Metall најавија жесток отпор кон најавените мерки, порачувајќи дека ќе направат сè за да спречат затворање на фабриките и нови отпуштања.
Една од главните причини за ваквите потези е силниот подем на кинеските производители на автомобили. Volkswagen веќе го загуби лидерското место на кинескиот пазар од BYD, а европската автомобилска индустрија е под сè поголем притисок поради брзата транзиција кон електрични возила и засилената конкуренција од Кина.



