Тажна вест споделија од Институтот за национална историја.
Со длабока тага ја информираат научната и пошироката јавност дека денес, трети јули, по кратко боледување, почина нивната почитувана колешка, проф. д-р Катерина Мирчевска.
„Проф. д-р Катерина Мирчевска беше долгогодишен научен советник во Институтот за национална историја, посветен истражувач и врвен професионалец, која со својата научна работа, човечка доблест и колегијалност остави длабока и неизбришлива трага во македонската историографија и во животот на нашата институција“, пишува во објавата.
„Нејзиниот богат научен опус, професионален интегритет и искрена посветеност кон науката ќе останат трајно сведоштво за нејзиниот придонес во развојот на историската наука во Македонија“, се наведува во соопштението.
Институтот за национална историја изразува искрено и длабоко сочувство до нејзиното семејство, роднините, пријателите и сите што имаа чест да соработуваат со неа.



