Виктор Вилис, фронтменот на легендарната диско-група „Вилиџ пипл“ и препознатливиот глас зад светските хитови „YMCA“, „Go West“ и „In the Navy“, почина на 74-годишна возраст.
Веста за неговата смрт ја соопштија членовите на групата преку нивната официјална Фејсбук-страница, наведувајќи дека Вилис починал на 30 јуни 2026 година по кратко, но агресивно боледување. Истата информација ја потврди и неговата сопруга Карен Хаф Вилис.
Роден во Тексас, а израснат во Сан Франциско, Вилис уште од детството бил поврзан со музиката, пеејќи госпел во црквата на својот татко. Подоцна настапувал како џез и соул-пејач, а пред да стане светска ѕвезда играл и во неколку успешни бродвејски мјузикли.
Неговиот животен пресврт се случил во 1977 година, кога францускиот продуцент Жак Морали го поканил да стане главен вокал на новоформираната група „Вилиџ пипл“. Со својот моќен вокал и харизма, Вилис придонесе за создавањето на некои од најголемите диско-хитови во историјата.
Песните „YMCA“, „Macho Man“, „Go West“ и „In the Navy“ станаа глобални феномени и останаа симбол на диско-ерата, а „YMCA“ и денес е една од најпрепознатливите песни во светот, неизоставен дел од свадби, спортски настани и прослави.

По напуштањето на групата во 1979 година, Вилис се соочуваше со тешки животни предизвици, меѓу кои депресија и зависност од дрога. По закрепнувањето водеше долга правна битка за авторските права на песните што ги создавал, а во 2015 година судот му призна 50 проценти сопственост врз 13 песни на групата во САД.
Во 2017 година повторно им се приклучи на „Вилиџ пипл“ и продолжи да настапува пред публиката ширум светот.
Неговото музичко наследство останува неизбришливо. Хитовите што ги создаде продолжуваат да ги обединуваат генерациите, а неговото име засекогаш ќе остане запишано меѓу најголемите фигури на светската диско-сцена.



