Легендарната британска пејачка Бони Тајлер почина на 75-годишна возраст, објави Би-Би-Си. Тажната вест ја потврди нејзиното семејство.
Во соопштението се наведува дека Бони Тајлер починала во болница во Португалија, каде што во изминатиот период се лекувала поради сериозни здравствени проблеми.
„Бони почина неочекувано синоќа во болница во Португалија, поради последиците од болеста од која се лекуваше. Во овие тешки моменти бараме приватност за семејството“, се наведува во соопштението.

Пејачката беше хоспитализирана пред неколку месеци, а во текот на лекувањето помина повеќе од еден месец во индуцирана кома. По будењето, нејзината здравствена состојба остана сериозна, поради што беа откажани сите планирани настапи.
Според странските медиуми, здравствените проблеми на Бони Тајлер започнале на почетокот на мај, кратко по нејзиното пристигнување во Португалија, каде што поседувала дом и често престојувала.
Таа била примена во болница со силни болки во стомакот, при што лекарите утврдиле дека има руптура на слепото црево. По хируршката интервенција настанале сериозни компликации, поради што била ставена во индуцирана кома.
Подоцна португалските медиуми објавија дека за време на лекувањето Бони Тајлер доживеала и срцев удар, по што лекарите успеале да ја реанимираат. Сепак, и покрај напорите на медицинските тимови, таа ја загуби битката со болеста.
Бони Тајлер ќе остане запаметена по безвременските хитови „Total Eclipse of the Heart“, „Holding Out for a Hero“ и „It’s a Heartache“, песни кои ја одбележаа нејзината богата музичка кариера и оставија неизбришлива трага во светската музика.



