Легендарниот македонски актер Гоце Тодоровски веќе неколку дена се наоѓа на болничко лекување, откако му се слошило додека пеш се враќал кон својот дом.
Според информациите што ги објави Горан Марковски, администратор на фејсбук-страницата „Ѓорѓи Колозов“, на актерот му се слошило поради високите температури и силното сонце. При падот се здобил со повреда, по што било неопходно да биде хоспитализиран.
Марковски наведува дека за неговата здравствена состојба разговарал со ќерката на актерот, Сашенка, која потврдила дека Гоце Тодоровски моментално е во стабилна состојба.
Иако неговиот имунитет е ослабен, лекарите внимателно ја следат неговата состојба, а според најновите информации, здравјето на легендарниот актер се подобрува од ден на ден.
Неговата ќерка секојдневно е покрај него во болницата и му ја дава потребната поддршка во процесот на закрепнување.
Бројни колеги, пријатели и почитувачи испраќаат пораки со желби за брзо оздравување, со надеж дека Гоце Тодоровски наскоро ќе се врати во својот дом, а потоа повторно и пред својата публика.



