Голема трагедија го потресе италијанското летувалиште Милано Маритима, каде четиригодишното девојче Магдалена од Австрија го загуби животот откако се удави во базен на хотел, само еден ден пред семејството да се врати дома.
Петчленото семејство од Филах престојувало во хотелот „Континентал“, каде летувале и претходните години. По ручекот, мајката со двете постари ќерки се вратила во собата за да ги спакува работите, додека таткото останал во ресторанот со најмалата ќерка.
Според реконструкцијата на истрагата, девојчето побарало дозвола да оди во играчницата, а таткото се согласил. Наместо таму, таа сама се упатила кон излезот од хотелот. Снимките од безбедносните камери покажале дека двапати безуспешно се обидела да излезе, бидејќи автоматските врати не се отвориле поради нејзината висина. При третиот обид успеала да излезе кога во хотелот влегувал друг гостин, кој не забележал дека детето излегува.
Малата Магдалена потоа стигнала до хотелскиот базен, иако пристапот во тој период бил забранет. Во близина немало спасител, а според италијанските медиуми, тинејџер кој престојувал покрај базенот спиел и не забележал што се случува.
Двајца тинејџери кои случајно минувале покрај базенот прво помислиле дека во водата има кукла, но кога се приближиле сфатиле дека станува збор за дете. Тие веднаш ја извлекле Магдалена од водата и повикале итна помош.
Иако лекар кој бил гостин во хотелот веднаш започнал со укажување прва помош, девојчето во критична состојба било пренесено во болницата „Буфалини“ во Чезена, каде подоцна починало.
Обдукцијата покажала дека четиригодишното девојче поминало меѓу седум и осум минути под вода.
Италијанското обвинителство отвори истрага против таткото поради можно несовесно надгледување на детето, како и против двајцата сопственици на хотелот поради сомнение за убиство од небрежност. Истражителите проверуваат дали пристапот до базенот бил соодветно обезбеден и дали хотелот ги почитувал сите безбедносни прописи, вклучително и присуството на спасител.
Семејството веќе се вратило во Австрија, каде најблиските ќе се простат од малата Магдалена.



