(Фото) Левица – Штип алармира – 400 жители на култната зграда „Промаја“ се жртви на градежно дивеење

Веќе неколку месеци жителите на култната штипска зграда „Промаја“ се заложници и жртви на градежните интриги кои се одвиваат на релација: општинска власт и инвеститор. Наместо очекуваниот пристапен пат и урбанизација на дворното место, тие добија градилиште и узурпација на просторот, кој во нормални услови треба да им припаѓа на самите нив, алармира општинската организација на Левица – Штип.

Пред некој ден, како што велат од партијата, се довело во опасност слободното движење на граѓаните откако импровизираната заштитна ограда паднала на улицата која поминува пред самата зграда.

„Паѓањето на импровизираната заштитна ограда е само олицетворение на целиот градежен процес во кој е предвидено изградба на „гаражи“ и кој сам по себе е една голема урбана импровизација. Уште во 2016 година му е издадено одобрение за градба на инвеститорот кој на мистериозен начин станал сопственик на земјиште кое се наоѓа точно пред зградата „Промаја“. Од тогаш па до денес се направени повеќе недоследности според Законот за градење, со што овој градежен зафат губи секаков легитимитет“, констатира Левица – Штип која јавно упати неколку прашања поврзани со законската регулатива за градење.

– Дали во постапката е испочитуван Член 62-а од Законот за градење кој вели дека надлежниот орган што го донел одобрението за градење е должен во рок од 3 дена од денот на донесување на одобрението да ги извести непосредните соседи на градежната парцела за која се донесува одобрението?
Зошто не е постапено според член 66 од Законот за градење кој вели дека одобрението за градење престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно?

Со оглед на фактот што инвеститорот со градежни активности започнува дури 6 години подоцна, во 2022 година, дали понатамошните активности се во целост бесправни и нелегални?

Advertisements

Зошто не е испочитуван член 133 кој предвидува прекинување на изградбата доколку со изградбата е загрозена сигурноста на околните градби или стабилноста на околното земјиште, а со оглед на околностите од терен, градежната механизација е речиси во влезот на стамбената зграда?

Уште повеќе иритира индиферентноста на локалната власт која иако декларативно изјавува дека просторот заслужува да биде во функција на жителите, со своите постапки комплетно се става во заштита на елитата и бизнис интересите на поединци инвеститори.

Имено, според член 66 од Законот за градење доколку не се испочитуваат утврдените постапки, се предвидува донесување на акт за ништовност на одобрението, кој се доставува до органот надлежен за водење на јавната книга за запишување на правата на недвижностите и истиот е основ за бришење на сите прибележувања и предбележувања поврзани со недвижноста.

„Левица како партија која ги застапува и се бори за интересите на обичниот граѓанин, целосно застанува на страната на жителите на зградата „Промаја“ и своите правни капацитети ги става на располагање, доколку се јави потреба од тоа. Жителите на „Промајата“ која сама по себе претставува „разгледница“ на Штип, заслужуваат соодветен третман на урбан и модерен живот, а не да бидат жртви на градежно дивеење!!!“, велат од партијата.