ЕУ ги зголеми инвестициите во истражување и развој на 328 милијарди евра во 2021

Во 2021 година, Европската унија има вложено 328 милијарди евра за истражување и развој (R&D), што е за 6% повеќе во споредба со претходната година, кога се издвоени 310 милијарди евра, објави Евростат.

Споредено со десет години претходно, односно со 2011 година, се бележи зголемување од 43,9%. Овие стапки на промена се во тековните цени, што значи дека ги одразуваат и ценовните промени и реалните промени во нивото на расходите.

Кога се гледа интензитетот на истражување и развој, т.е. расходите за истражување и развој како процент од БДП, податоците покажуваат намалување од 2,31% во 2020 година на 2,27% во 2021 година. Овој пад се објаснува со враќањето на нивото на БДП во 2021 година по значителниот пад во 2020 година како резултат на пандемијат на КОВИД 19 вирусот.

Advertisements

Сепак, во споредба со 2019 година (2,23%), пред пандемијата, интензитетот на истражување и развој се зголеми за 0,04 процентни поени (п.п.) во 2021 година, додека во споредба со претходните 10 години, тој се зголеми за 0,25 п.п.

R&D е главен двигател на иновациите, а трошоците и интензитетот за истражување и развој се два од клучните индикатори кои се користат за следење на ресурсите посветени на науката и технологијата ширум светот.

Оваа информација доаѓа од податоците за расходите за истражување и развој објавени од Евростат.

 

Меѓу земјите-членки на ЕУ, највисок интензитет на истражување и развој во 2021 година е забележан во Шведска (3,35%), потоа Австрија (3,22%) и Белгија (3,19%). Шест земји-членки имаат пријавено расходи за истражување и развој под 1% од нивниот БДП во 2021 година: Романија (0,48%), Малта (0,65%), Латвија (0,71%), Бугарија (0,81%), Кипар (0,89%) и Словачка (0,95%).

Две третини од земјите-членки на ЕУ имаат пријавено повисок интензитет на истражување и развој во 2021 година, отколку во 2011 година. Сепак, најзначајните намалувања на интензитетот на истражување и развој се имаат случено во Финска (-0,64 п.п.), Естонија (-0,51 п.п.), Ирска (-0,49 п.п.) и Луксембург (-0,41 п.п.).

На другиот крај од опсегот, најголемите зголемувања на интензитетот на истражување и развој помеѓу 2011 и 2021 година се забележани во Белгија (+1,02 п.п.), Грција (+0,76 п.п.), Полска (+0,69 п.п.), Австрија (+0,55 п.п.) и Хрватска. (+0,53 п.п.).

Кога ќе се погледнат расходите за истражување и развој по сектори во ЕУ, секторот на деловни претпријатија продолжи да зазема најголем дел од трошоците за истражувањето и развојот (66,08% од вкупните исплати за истражување и развој во 2021 година), следен е секторот за високо образование (21,58%), владиниот сектор (11,89%) и приватниот непрофитен сектор (0,44%).