Ескобар: Одлуката за формирање на Заедница на српски општини на Косово ќе биде спроведена

Специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, денеска изјави дека одлуката за формирање Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО) на Косово ќе биде спроведена.

На онлајн конференција организирана од Атлантскиот совет, рече дека тоа е една од обврските во рамките на дијалогот меѓу Србија и Косово под покровителство на Европската Унија.

Advertisements

„Тоа е правно обврзувачка одредба. Тоа е правно обврзувачко за Србија, за Косово и за ЕУ, а токму затоа што го поддржуваме дијалогот, тоа е и наша обврска. Така да, треба да се имплементира и ќе се спроведе“, изјави Ескобар.

Тој истакна дека во Европа постојат модели кои овозможуваат колективни права за малцинствата, притоа изразувајќи надеж дека владата во Приштина „ќе го гледа тоа како можност“.

Ескобар ја истакна и поддршката на САД за Косово, велејќи дека нема земја во светот што го поддржува Косово повеќе од САД.

„Нашата посветеност на Косово, неговиот суверенитет, независност, територијален интегритет и безбедност е цврста. Тоа е партнерство со народот на таа земја и нема да ги напуштиме“, изјавил Ескобар.

Тој го оцени договорот што минатата година го постигнаа Србија и Косово за регистарските таблички, како важен за намалување на тензиите.

„Нашиот став отсекогаш бил дека наместо да работиме на поединечни прашања кои создаваат тензии, сите овие прашања треба да бидат во рамките на дијалогот под покровителство на ЕУ“, рече Ескобар.

Ескобар посочи дека Србите и Албанците треба да покажат зрелост и да најдат начин да живеат мирно и да соработуваат, а мултиетничките демократии се иднината на регионот. Тој изнесе и оценки дека регионот е богат и културно шарен поради неговата различност, а САД имаат добри односи со сите земји, но дека мора добро да се сложуваат меѓу себе.