Кој ќе победи во Украина и што ќе се случи потоа?

Во престрет на годишнината на војната, Гардијан направи анализа на моменталниот статус на конфликтот и што би можело да се случи следно.

Дали Русија веќе спроведува нова офанзива?

Постојат спротивставени оценки за способноста на Русија да изврши значајна нова офанзива.

Иако украинските власти постојано предупредуваа од Божиќ дека Русија планира нова голема офанзива оваа година, има малку докази дека се во тек подготовки за налет сличен на оној во февруари 2022 година, која вклучуваше напад од големи размери со оклопни возила.

Неодамнешните тврдења на претставници на НАТО дека Русија складира авиони беа главно демантирани од британското Министерство за одбрана.

И додека Русија значително го зголеми бројот на пешадијата – некои проценки сугерираат дека има над 300.000 војници во Украина – нема докази дека стотици тенкови се трупаат во регион кој е силно следен од шпионски сателити.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, укажа на зголемените напори на Русија на исток како доказ дека започнала „нова офанзива“, но други ја гледаат како продолжение на напорите кои траат со месеци.

Руското бомбардирање е помалку интензивно отколку што беше во текот на летото во околината на Северодонецк, кога Москва користеше 60.000 гранати дневно.

И покрај минатогодишната мобилизација, аналитичарите, вклучително и Филипс О’Брајан од Универзитетот во Сент Ендрјус, веруваат дека војната ги деградирала руските способности и дека грешат оние кои очекуваат повторување на минатогодишната првична инвазија.

„Она што се случи од 24 февруари е дека Украина стана посилна и стекна подобри системи и ќе добие повеќе“, вели О’Брајан.

„Русите стануваат се послаби. Тие имаат повеќе војници, но нивната опрема е полоша, нивните војници се полошо обучени отколку што беа, а нивните резерви на муниција се намалуваат“, додава тој.

О’Брајан и другите велат дека има малку докази дека Русија е поспособна да спроведува сложени операции со комбинирано вооружување – интегрирање на воздушните сили, оклопните возила и други елементи – отколку што беше пред една година.

Што се случува на истокот?

Една од гледните точки кога станува збор за борбите на исток – најжешкиот сектор на конфликтот – е дека зголемените напори на Русија во околината на градот Бахмут се сведени на таканаречени операции за обликување за идна офанзива, можеби на пролет.

Други веруваат дека Русија се плаши од голема нова украинска офанзива и го зголеми темпото на својата офанзива – по екстремно висока цена – за да ги задржи украинските сили.

Трети, пак, веруваат дека Русија сака да го освои Бахмут пред годишнината на 24 февруари повеќе за пропагандни цели отколку за некоја значајна причина.

Веројатно има некоја вистина во сите овие гледишта, пишува Гардијан.

Треба да се знае дека напорите на Русија не се фокусирани само на Бахмут, туку и на точките долж источниот фронт, од границата со регионот Харков до окупираниот југ.

Мајкл Кофман, шеф на руски студии во Центарот за поморски анализи во Вирџинија, САД, неодамна го истакна ова на Твитер.

„Руската офанзива се состои од 5-6 оски на напад фокусирани на Донбас. „Наместо голем бран на едната страна од фронтот, тоа е серија дистрибуирани битки кои се водат во правец север-југ, од Луганск, преку Бахмут, до јужен Доњецк“, рече тој.

„Во оваа фаза не се чини дека Русија има ангажирано резерви и веројатно ги користи тие единици за да ги надомести загубите или можеби чека некој пробив кој ќе се искористи. „Како што беше кажано, нема многу докази дека има некои поголеми дополнителни руски сили на подготвеност“, додаде тој.

Она што е јасно е дека сегашните напори на Русија го демонстрираат лошото лидерство, логистика и тактика кои беа белег на нејзините операции во текот на изминатата година, со големи жртви и многу скромни територијални придобивки.

Кој победува?

Постојат различни начини тоа да се процени.

Ниту Русија, ниту Украина не се блиску до остварување на најавените воени цели, кои во случајот на Украина значат ослободување на целата окупирана територија.

Сепак, во текот на изминатите 12 месеци, Москва постојано мораше да се откажува од своите максималистички амбиции за да се фокусира на освојување на целиот Донбас на исток.

Покрај тоа, загубите на Русија беа огромни.

Неодамнешната проценка на Меѓународниот институт за стратешки студии (IISS) сугерира дека Русија изгубила 40 до 50 отсто од својата предвоена тенковска флота.

Бројот на човечки жртви исто така беше огромен, со тврдења дека Русија губи 2.000 војници на секои освоени сто метри на исток.

Иако овие бројки треба да се земат со претпазливост, доказите сугерираат дека Украина има помала стапка на загуби.

Врвниот американски генерал Марк Мајли неодамна изјави дека Русија веќе ја изгубила (војната) тактички и стратешки, но тој исто така посочи дека е малку веројатно било која страна да е блиску до постигнување на зацртаните цели.

Веројатно може да се каже дека сегашната траекторија на конфликтот оди многу подобро за Украина отколку за Русија, како и дека континуираниот проток на ново оружје од Запад ќе помогне да се одржи таа траекторија.

Но, како што неодамна предупреди шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, Украина е силно зависна од оружје од Запад, вклучително и артилериска муниција, што создаде потенцијална ранливост за Киев на исток, каде што артилерија доминира во борбите.

Она што исто такае е нејасно е колку оружјето што ја менува играта, како што се главните борбени тенкови, ќе придонесе за завршување на војната или колку брзо.

Значи, засега војната продолжува.