Вештачка интелигенција ќе ја зголемува транспарентноста во доделувањето на државна помош

Со креирање и воведување на првиот Дигитален AI асистент за државна помош на почетокот од наредната година ќе се зголемува транспарентноста на процесот на доделување на државна помош за компаниите, најави денеска вицепремирот Фатмир Битиќи на денешната прес-конференција за исплата на државна помош за инвестиции кон компаниите.

„Со цел зголемување на транспарентноста минатата година започнавме и со креирање на првиот Дигитален AI Асистент за државна помош. Еве можам денеска да ви откријам, овој прв дигитален асистент од државна институција, ќе се вика Ада, инспирација од Ада Ловлејс која се смета за првата програмерка и истиот ќе биде промовиран на почетокот на следната година. Овој асистент кој ќе се базира на вештачка интелигенција, ќе ги прави достапни сите информации, повици, процедури за добивање на државна помош, но во следна фаза и ќе комуницира дел од грижата за корисници за оние кои веќе ја добиваат“, рече Битиќи.

Тој најави дека од јануари ќе се воспостави и информациски систем со кој ќе се подобри ефикасноста и ефективноста на процесот на доделување на државна помош.

Advertisements

„Од јануари започнавме и со воспоставување на Менаџмент информациски систем за државна помош кој што ќе ја подобри ефективноста и ефикасноста на процесот на доделување на државна помош, за да сме сигурни дека секој денар на граѓаните е правилно вложен. Менаџмент информацискиот системот за државна помош ќе опфати дигитализација на бизнис процеси на 11 институции кои го користат механизмот на државна помош“, рече Битиќи.